Политичарите упатија честитки за Нова година

Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, со своето семејство.

Годината што изменува била тешка, оценуваат политичарите во нивните новогодишни честитки.

Претседателот на државата Стево Пендаровски вели дека годинава немало многу причини за славење и радост, па затоа во новата година посакува „да бидеме подобри, посолидарни, потолерантни и како поединци и како заедница“.

„Потребно е да се вратиме на вредностите кои му даваат смисла на животот. Наместо на трката по материјални добра, да ѝдадеме приоритет на добрината, да си помагаме едни на други, да градиме хумано и благородно општество“, вели Пендаровски.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во својата честитка го нотираше, како што вели, напредокот во повеќе области, како безбедноста, намалениот криминла, организацијата на конференцијата на ИНТЕРПОЛ во Охрид и Министерски совет на ОБСЕ во Скопје.

„Го засиливме веќе високо етаблираниот меѓународен кредибилитет на нашата земја и ја потврдивме посветеноста кон мирот, стабилноста и развојот“, вели Спасовски.

За следната година посакува да продолжи борбата против криминалот и корупцијата, да се унапредат човековите права и да продолжи посветеноста на воведување на европските вредности во македонското општество.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во својата честитка, најави дека 2024-та ќе биде година на промени.

Како што наведува Мицкоски, целта е обнова на државата и создавање иднина во која секој ќе се чувствува подобро.

„Ќе има повисок стандард, ред и поредок, морал и правда, промоција на националните и државни интереси“, рече Мицкоски.

Видете и ова: Економијата и ЕУ доминираат во честитките на политичарите

Вчера честитки упатија премерот и неколку министри, во нив доминираше што сработиле на економски план, и надежи дека земјата ќе продолжи по интегративниот пат.