Северна Кореја вети дека ќе лансира три нови шпионски сателити во 2024 година

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун вети дека ќе лансира три дополнителни воени шпионски сателити, ќе произведе повеќе нуклеарни материјали и ќе воведе модерни беспилотни летала за напад во 2024 година.

Тој повика на „огромна“ воена подготвеност за справување со, како што ги нарече, конфронтирачки потези предводени од САД, објавија медиумите на 31 декември.

Коментарите на Ким сугерираат дека тој ќе ја интензивира серијата тестови на оружје пред претседателските избори во Соединетите Американски Држави (САД) во ноември. Набљудувачите велат дека Ким верува дека зголемениот нуклеарен капацитет ќе му даде уште една шанса да започне дипломатија на самитот со високи влогови со Соединетите Држави доколку поранешниот претседател Доналд Трамп се врати во Белата куќа.

За време на петдневниот состанок што заврши во саботата, Ким рече дека „злобните“ анти-севернокорејски потези на Соединетите Држави и нејзините следбеници „достигнаа крајности без преседан во историјата“, туркајќи го Корејскиот Полуостров на работ на нуклеарна војна, соопшти официјалната корејска централна новинска агенција.

Видете и ова: Нов нуклеарен реактор во Северна Кореја ќе биде ставен во функција до лето, објави Сеул

Ким се фокусира на модернизирање на својот нуклеарен арсенал откако неговата дипломатија со Трамп пропадна во 2019 година поради расправии околу тоа колку олеснувања од санкциите би можела да добие Северна Кореја за делумно предавање на својата нуклеарна програма.

Експертите велат дека Ким веројатно мисли дека Трамп, доколку биде избран за втор мандат, би можел да направи отстапки бидејќи САД се преокупирани со руско-украинската војна и борбите Израел-Хамас.