Полицијата вечерва го привела Дрин Ахмети, внук од брат на лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети и косопственик на трговскиот центар „Соравија“.
Дрин Ахмети, кој има 25 години е притворен вечерва нешто пред 20 часот.
Полицајци го запреле возилото „ренџ ровер“ со кое управувал Д.А и при преглед пронашле пиротехнички средства“, велат од Министерството за внатрешни работи за Радио Слободна Европа.
„Лицето Д.А, од село Зајас – Кичево, е приведено во полициска станица и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок“, велат од полицијата.
МВР на својот официјален профил на Фејсбук објави фотографија соопштувајќи дека се запленети 749 пиротехнички средства.
По веста за приведувањето на Дрин Ахмети, веднаш реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Со оглед дека Ахмети е од „европската коалиција”, дали и пиротехничките средства кој ги шверцувал внук му Дрин се европски?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Видете и ова: Дрин Ахмети без вложен денар станува косопственик на „Соравија“
Името на внукот на Ахмети стана познато во јавноста во јуни годинава, кога беше објавено дека купува деловен објект во центарот на Скопје вреден милиони евра. Тогаш не беше објавено колку чини купувањето на трговскиот центар, туку само дека има долг од над 20 милиони евра.
Со свои 25 години, внукот на Ахмети има повеќе бзниси. Покрај купувањето на Соравија преку компанијата „Тор индустрис“ , Дрин Ахмети преку друга негова компанија, „Еверест ЏД“ поседува и активна концесија за експлоатација на варовник во Зајас.