Еден од тројцата директори на државната компанија за Контрола на летање М-НАВ, Љубе Стаменковски и инженерите на раководните инструкторски места си поднеле оставка, објави порталот Сакам да кажам (СДК).
Оставките уследиле откако пропаднала селекцијата на кандидати на огласот на М-НАВ за инженери во Контролата на летање. Тие не ги решиле тестовите за селекција, оти не ги знаеле одговорите. Но и покрај тоа биле примени на работа, пренесува порталот.
Од М – НАВ, пак, велат дека огласот за инженери и техничари е согласно Законот за работни односи и условите предвидени со систематизацијата. Во нивната реакција се наведува дека според систематизацијата за приправник интервју се спроведува само ако за едно место има два или повеќе кандидати. Во случајот со последниот оглас имало само по еден кандидат за седумте работни места.
Под вакви услови се примени инженери во М-НАВ и пред четири години, но тогаш немало негодување, велат од компанијата.
Според нив, безбедноста на воздухопловниот сообраќај во ниту еден случај не е загрозена, бидејќи сега примените кандидати нема да бидат вклучени во оперативно делување пред да се стекнат со овластувања.
На овој оглас се вработени двајца инженери и еден техничар, а поради неуреден статус во Агенцијата за вработување, иако биле задоволени критериумите на М-НАВ, не се вработени уште тројца инженери и еден техничар.
Од М-НАВ велат дека оние инженери и инструктори кои сега негодуваат и праќаат дописи за оставки биле вработени според истите законски критериуми.
„Новите инженери имаат дополнителна клаузула дека може да им се откаже работниот однос додека кај постоечкити тоа не го пишуваше во нивните оглас. Негодувањата се тенденциозни и немаат основа“, велат од М-НАВ.
Видете и ова: Контрола на летање најавува штрајк за Нова ГодинаПред десет дена Синдикатот на Контрола на летање М-НАВ најави предупредувачки штрајк на 25 декември и за Нова година, како реакција на објавени огласи за вработувања во М-НАВ, со критериуми, кои според Синдикатот, се спротивни на постигнатата спогодба со менаџментот од октомври годинава. Но по преговорите со министерот за транспорт и врска Благој Бочварски се откажаа од штрајкот.
Видете и ова: Бочварски: Правиме се, за да не штрајкуваат контролорите за летањеТогаш од Синдикатот рекоа дека договореното за роковите за времетретрање на огласите за вработување не се почитува, а кадарот кој сакаат да го вработи менаџментот не е од суштинските дејности и се однесува на деловни асистенти и советник за човечки ресурси, што според нивни сознанија е за еден од поранешните директори во М-НАВ.
Синдикатот и во октомври најавуваше штрајк со барање да им се подобрат условите за работа во Контрола за летање, застарената опрема да биде заменета со нова и да се воведе „нормална селекција на кадар потребен за вработување“.
И лани во ноември имаше проблеми со конкурсот за вработување во М-НАВ, откако Синдикатот на контролорите на летање изрази сомнеж дека во државната компанија има планови за поништување на огласот бидејќи не биле избрани кандидати блиски на менаџментот и на функционери.
Тогаш до Синдикатот рекоа дека тројцата членови на управниот одбор на М-НАВ и директори во агенцијата, сакаат да го поништат огласот за контролори на летање, зашто од 270 пријавени, положиле само 8 кандидати, меѓу кои не се нивните, а ни пријавените деца на функционери од ДУИ.