Специјалниот суд против организиран криминал и корупција во Албанија го стави поранешниот премиер Сали Бериша, кој ја предводи опозициската Демократска партија, во домашен притвор поради истрага за корупција.
Специјалниот суд на 30 декември го одобри барањето на јавните обвинители Бериша да биде во притвор во неговиот стан во главниот град Тирана до понатамошно известување.
Одлуката на судот доаѓа неколку дена откако парламентот гласаше да му се одземе имунитетот.
Бериша, кој има 79 години, беше обвинет за корупција во октомври за наводна злоупотреба на функцијата за да му помогне на својот зет Џамарбер Малтези да купи земјиште во Тирана во сопственост и на приватни граѓани и на Министерството за одбрана и да изгради 17 станбени згради на имотот. И двајцата ги негираат обвиненијата, тврдејќи дека случајот е политички мотивиран.
Според одлуката на Судот, Бериша од денеска е во домашен притвор под полициски надзор, а забранета му е и комуникација со други лица, освен членови на семејството, со кои живее во станот.
Видете и ова: Албанскиот парламент му го одзеде пратеничкиот имунитет на Сали БеришаПо одлуката на Специјалниот суд за притоворот на Бериша, стигнаа и првите реакции.
Албанскиот премиер Еди Рама, на големиот интерес на новинарите околу ова прашање рече дека „не сака да коментира за лица кои се прогласени за нон грата од Соединетите Американски Држави“.
На одлуката на Судот иронично реагираше и синот на Бериша, Шкелзен Бериша.
„Новогодишна честитка на Рама е апсење и изолација на лидерот на опозицијата“, напиша тој на социјалните мрежи.
Бериша беше премиер на Албанија од 2005 до 2013 година, а од 1992 до 1997 година беше претседател.
Соединетите Американски Држави во мај 2021 година и Велика Британија во јули 2022 година им забранија на Бериша и членовите на неговото блиско семејство да патуваат во овие две земји, поради сомневање за негова вмешаност во корупција.