Јужноафриканската Република поднесе тужба пред Меѓународниот суд на правдата тврдејќи дека Израел е вклучен во „геноцидни дела“ во Газа.
Во тужбата поднесена на 29 декември се бара итна наредба со која ќе се прогласи дека Израел ги прекршил своите обврски од Конвенцијата за геноцид од 1948 година во неговата акција против палестинската група Хамас, која е прогласена за терористичка организација од страна на САД и ЕУ, во Газа.
Меѓународниот суд за правда, е тело на Обединетите нации за решавање на споровите меѓу државите.
Израелското Министерство за надворешни работи во реакцијата соопшти дека тужбата е „неоснована“.
Поднесокот на Јужна Африка бара од судот да донесе привремени или краткорочни мерки со кои ќе му се нареди на Израел да ја прекине својата воена кампања во Газа. Мерките се „неопходни во овој случај за заштита од понатамошна, тешка и непоправлива штета на правата на Палестинците“, стои во поднесокот.
Видете и ова: Повеќе од 21 илјади загинати во Газа досегаПретседателот на Јужноафриканската Република, Сирил Рамафоса, ги спореди политиките на Израел во Газа и окупираниот Западен Брег со минатиот режим на расна сегрегација на апартхејдот на неговата земја, наметнат со владеењето на белото малцинство кое заврши во 1994 година.
Министерството за здравство со кое раководи Хамас објави дека од 7 октомври досега во Газа биле убиени 21.672 лица, а ранети се 56.165 луѓе.
Израел започна жестока воена кампања против Хамас во Газа откако милитантите извршија невиден напад врз јужен Израел на 7 октомври.
Во нападот загинаа околу 1.140 луѓе во Израел, главно цивили, според израелски податоци.