Најмалку 39 луѓе загинаа, а повеќе од 160 се повредени во масовните руски воздушни напади врз Киев и другите цели низ Украина на 29 декември, соопштија украинските власти.
Воздушните напади продолжија и во текот на ноќта, но се чинеше дека се намалија рано на 30 декември, еден ден откако Русија го изврши најинтензивното бомбардирање на украинските воени и цивилни цели во 22-месечната инвазија. Тоа предизвика меѓународна огорченост и осуда на специјален состанок на Советот за безбедност на ОН.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и други украински официјални лица го нарекоа најтешкото бомбардирање од почетокот на неиспровоцираната инвазија од целосен обем во февруари 2022 година.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека 16-то тело е пронајдено во бомбардиран магацин во главниот град. Тој го прогласи 1 јануари за ден на жалост во градот.
Американските и европските влади се здружија за да ги осудат руските воздушни напади на специјален состанок на Советот за безбедност на ОН доцна на 29 декември. Состанокот беше побаран од Киев.
Видете и ова: Преку војните во Газа и Украина, Кина се обидува да го води глобалниот југПостојаниот член на советот Кина избегна да ги осуди нападите, но повика на мир, додека рускиот претставник во ОН ја обвини украинската противвоздушна одбрана за цивилните жртви.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш преку портпарол, Стефан Дужарик, ги осуди руските воздушни напади врз Украина.
Рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензја изјави пред Советот дека руските сили нападнале само воени цели и рече дека цивилите биле убиени од украинската противвоздушна одбрана.