Осуди од ЕУ и ОН за последниот руски напад врз Украина

Конфликт Русија-Украина, 29 декември, 2023 година

Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, го осуди руското бомбардирање врз украински градови на 29 декември, обвинувајќи ја Москва дека напаѓа цивили.

„Русија во текот на ноќта изврши еден од најголемите напади од својата целосна инвазија на Украина врз повеќе градови и цивилно население“, објави Борел на социјалната мрежа „Х“, порано позната како Твитер.

„Тоа беше уште еден кукавички и неселективен напад на училиште, метро станица и болница, што резултираше со смрт на најмалку 16 луѓе и неколкумина повредени. ЕУ останува со Украина“, напиша тој.

Франција исто така ја осуди, како што е наведено, „руската стратегија на терор“ во Украина.

Видете и ова: Експлозии во Киев, воздушна тревога низ целата земја

„Русија ја продолжува својата стратегија на терор со цел да ја уништи украинската цивилна инфраструктура за да го поткопа отпорот на украинското население“, стои во соопштението француското Министерство за надворешни работи, каде се додава и дека Франција продолжува со својата поддршка за Украина.

Шефот на обединетите нации за човекови права, Волкер Турк, го осуди смртоносниот бран на руски напади ширум Украина и ја повика Москва веднаш да прекине со нападите.

„Меѓународното хуманитарно право строго забранува напади намерно насочени кон цивилни објекти, како и неселективни напади, под какви било околности“, изјави Турк.

Видете и ова: Зеленски: Русија истрела 110 проектили кон Украина

Русија лансираше 122 ракети и десетици беспилотни летала на украински цели на 29 декември, соопштија украинските функционери, додавајќи дека притоа се убиени најмалку 24 цивили ширум земјата.