По поднесена жалба од поранешната претседателка на Судскиот совет Весна Дамева, решението на советот со кое таа беше разрешена од претседателската функција е поништено, потврдија од Управниот суд за Радио Слободна Европа.
Оттаму велат дека жалбата на Дамева во врска со нејзиното разрешување на 26 април е уважена и сега судскиот совет ќе треба да постапи по напаствијата на Управниот суд.
„Нејзината тужба е уважена и оспореното решение на Судски совет е поништено и во повторно одлучување судскиот совет треба да постапи по напаствијата дадени од Управниот суд“, додаваат од Управен суд.
На прашањето дали тоа значи дека сега Дамева се враќа на претседателската позиција на советот, бидејќи решението со кое беше разрешена е поништено, од Управен суд велат дека тоа е толкување кое сега не можат да го дадат, меѓутоа во однос на тоа дека е донесена одлука оти е незаконски разрешена и тоа решение сега не постои, тоа би можело да биде логичен сплет на настаните.
Видете и ова: Дамева поднесе тужба до Управниот суд за нејзиното разрешувањеДамева за РСЕ вели дека досега официјално ја нема добиено одлуката од Управен, меѓутоа вели дека ако решението е поништено, тоа значи дека таа автоматски се враќа на претседателската функција.
„Јас од она што го знам од медиумите, бидејќи официјално ништо немам добиено, тоа значи дека не постои решението за мое разрешување, што значи претседател сум јас. Ако е тоа диспозитивот на одлуката, повеќе решението за разрешување не постои“, вели Дамева.
Министерот за правда пак, Кренар Лога, преку соопштение ја поздрави одлуката на Управен суд со која се поништува одлуката за разрешување на Дамева од претседателската функција на судскиот совет.
„Со ова се потврдуваат сите наводи на министерот кои во изминатиов период ги имаше за работењето и постапувањето на Судскиот совет со што се докажува дека на оваа институција и се неопходни реформи. Одлуката на Управниот суд влева надеж за враќање на довербата во институциите и почитување на принципот на владеење на правото“, се вели во соопштението на Министерството за правда.
Видете и ова: ЕУ препорача 40 мерки за реформа на Судскиот советДамева на 26 април беше разрешена од функцијата претседател на Судскиот совет. На седницата на Судскиот совет настана расправија откако Дамева одби да стави точка на гласање која ја немаше во дневниот ред. Нејзиниот заменик Селим Адеми тогаш го презеде раководењето со седницата и сповика на гласање за нејзино разрешување, при што седум члена (вклучително и Адеми) гласаа „за“, а тој констатираше дека Дамева е разрешена и во нејзино присуство го презеде раководењето со седницата.
Весна Дамева беше избрана за претседателка на Судскиот совет на местото на Павлина Црвенковска во декември минатата година. Функцијата претседател на Судски совет досега ја извршуваше Сашко Георгиев, кој дојде на нејзино место.