Најмалку 41 лице загина за време на дводневното израелско бомбардирање на градот Кан Јунис на југот на Газа, соопшти палестинската Црвена полумесечина.
Меѓу жртвите има и „раселени лица кои барале засолниште“ во просториите на Црвената полумесечина.
Израелската армија на социјалната платформа „X“ објави дека ја „проширува операцијата во областа Кан Јунис“ во јужниот дел на Газа во својата офанзива против Хамас.
Во меѓувреме делегација на Хамас треба во петок (29 декември) во Каиро да го види египетскиот план за прекин на огнот за ставање крај на војната во Газа, изјави претставник на Хамас. Планот беше претставен минатата недела пред претставници на Хамас и Исламски џихад, кои исто така се борат со израелските сили на територијата.
Видете и ова: Израелски тенкови навлегоа длабоко во град во централниот дел на ГазаИзвори блиски до Хамас велат дека планот во три фази предвидува обновливи примирји, постепено ослободување на заложниците кои ги држеше Хамас во замена за палестинските затвореници во Израел и на крајот прекин на огнот за ставање крај на војната предизвикана од смртоносниот напад врз Израел на 7 октомври, пренесува агенцијата Франс прес.
Хамас е „отворен за какви било идеи или предлози за целосен и конечен крај на агресијата против нашиот народ во Појасот Газа“, изјави претставник на палестинската милитантна група. Осама Хамдан на прес-конференција во четвртокот рече дека Хамас не е заинтересиран за „делумен или привремен прекин на агресијата“, додавајќи дека преостанатите заложници кои се држат во Газа ќе бидат ослободени само откако ќе се спроведе траен прекин на огнот.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го откажа состанокот на воениот кабинет закажан за четврток вечер на кој требаше да се разговара за планот на Израел за Газа по завршувањето на војната со Хамас. Наводно, израелскиот премиер ги одбил барањата на безбедносните службеници да подготват планови за контрола на Газа по завршувањето на војната со Хамас.