Израелските тенкови денеска (28.12) навлегоа длабоко во град во централниот дел на Газа, по неколкудневно немилосрдно бомбардирање што принуди десетици илјади веќе раселени палестински семејства повторно да бегаат во потрага по засолниште.
Палестински новинар објави слики од израелски тенкови во близина на џамија во станбената област Буреиџ, кои навлегле од овоштарник во источната периферија.
Понатаму на југ во Појасот Газа, израелските сили нападнаа област околу болницата во срцето на Кан Јунис, најголемиот град на југот на палестинската територија, каде жителите стравуваат од нови напади на територија преполна со семејства кои останаа без покрив над главата во текот на 12 недели војна.
Израел нагло ги засили копнените операции во Појасот Газа непосредно пред Божиќ и покрај јавните молби од најблискиот сојузник, САД, Израел да ги намали операциите во последните недели од годинава.
Главниот фокус на борбите сега е во централните области јужно од мочуриштата што се пробиваат низ Газа, каде што израелските сили наредиле цивилите да се евакуираат.
Десетици илјади луѓе кои бегаат од огромните области на Нусејрат, Буреиџ и Магази се упатија кон југ или запад кон веќе преполниот град Деир ал Балах на брегот на Средоземното Море.
Според податоците од Министерството за здравство, со кое раководи Хамас, од почетокот на војната во Газа досега (28.12) загинале 21.320 луѓе.
Војната започна на 7 октомври, откако Хамас започна напад врз Израел во кој загинаа околу 1200 луѓе, главно цивили, според израелските власти. Ветувајќи дека ќе го уништи Хамас и ќе ги врати дома околу 240 заложници земени од милитантите во Газа, Израел почна воена офанзива на голем дел од палестинската територија.
Видете и ова: Египет има нов предлог за ставање крај на војната меѓу Израел и ХамасДодека САД силно го поддржаа одговорот на Израел на нападите на Хамас, тие исто така вршат притисок врз својот сојузник да стори повеќе за да ги минимизира цивилните жртви.
Во меѓувреме СЗО предупреди дека населението на Појасот Газа е во „голема опасност“, наведувајќи го акутниот глад и очајот на палестинската територија.
СЗО во вторникот (26.12) соопшти дека доставила материјали до две болници - една на север и една на југ - при што 21 од 36-те болници во Појасот Газа веќе воопшто не функционираат.
Шефот на СЗО, Тедрос Гебрејесус, ја повика меѓународната заедница да преземе „итни чекори за ублажување на сериозната опасност со која се соочува населението во Газа, која ја загрозува способноста на хуманитарните работници да им помогнат на луѓето со ужасни повреди, акутен глад и висок ризик од болести“.