Шефот на набљудувачката мисија на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), Алберт Џонсон, очекува во рок од три месеци да биде објавен конечниот извештај на ОДИХР за изборите што се одржаа во Србија на 17 декември.
Џонсон го кажал овој рок на средба со претседателот на Републичката изборна комисија (РИК) Владимир Димитријевиќ, соопштија денеска(28.12) од РИК.
Како што се наведува во соопштението, средбата се одржала во вторникот, на 26 декември, а по тој повод се разговарало за околностите кои следеле по денот на изборите и деновите по гласањето во Србија.
РИК соопшти дека Џонсон на средбата рекол дека ОДИХР „нашол многу малку големи неправилности во прелиминарниот извештај“.
Како што се наведува во соопштението, нерегуларностите се однесуваат на купување гласови или повеќекратни гласови од еден гласач, а „позитивно е оценето гласањето на 93 отсто од избирачките места во Србија, како и тоа дека во самиот почеток на Прелиминарниот извештај се констатира дека изборите во Србија генерално поминаа без проблеми и тешкотии“.
Во Прелиминарниот извештај што го објави ОДИХР, меѓу другото, се наведува дека изборниот ден поминал мирно, но и дека „беше нарушен со изолирани случаи на насилство, процедурални нерегуларности и чести тврдења дека гласачите се организирани да бидат превезени од автобуси со цел да ја поддржат владејачката партија на локалните избори.“
Сведоштва за ова сними и Радио Слободна Европа.
Парламентарните, локалните и покраинските избори во Србија, на 17 декември, ги следеа 5.587 домашни и странски набљудувачи, меѓу кои и набљудувачи на ОБСЕ.
Соединетите Американски Држави и Европската Унија ги повикаа властите во Србија да ги истражат наводите на меѓународните набљудувачи за изборни нерегуларности.
Во меѓувреме, во Белград вчера вечер (27 декември) се одржаа десет протест по ред по повикот на опозициската коалиција „Србија против насилство“, која протестира од 18 декември.
„Србија против насилство“ ја обвинува владејачката Српска напредна странка (СНС) за изборна кражба, што, пак, од оваа партија и од државниот врв беше демантирано.
Одговарајќи на тврдењата на опозицијата за изборна кражба, Републичката изборна комисија на 24 декември соопшти дека надлежните министерства со проверка на избирачките списоци утврдиле дека „не се точни“ тврдењата оти бројот на гласачи со право на глас на изборите во Белград е вештачки зголемен со цел да се влијае на исходот од изборите.
Видете и ова: Србија против насилство: 30% од „фантомските гласачи“ гласале во БелградИстиот ден, претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека гласањето се одвивало во демократска атмосфера и дека тоа било „најмирното досега во модерната историја“.
Американскиот Стејт департмент ги повика властите да соработуваат со мисијата на ОБСЕ во истрагата за наводите за изборни нерегуларности.
Покрај републичките и покраинските избори, на 17 декември во Србија се одржаа и локални избори во 65 градови и општини, меѓу кои и Белград.