Кинеското Министерство за одбрана ги критикуваше Соединетите Држави, велејќи дека Вашингтон продолжува да се меша во азиско-пацифичкиот регион со својот став од Студената војна. Ова се случува една недела откако највисоките воени претставници на двете земји ги продолжија разговорите на високо ниво.
Пекинг и Вашингтон во разговорите минатата недела ветија дека ќе работат на обновување на контактите за да се спречат погрешни пресметки и недоразбирања, а Соединетите Држави повикаа да се направи повеќе за да се обезбеди воената комуникација да остане отворена и доверлива.
Портпаролот на кинеското Министерство за одбрана зазеде поостар тон на последната редовна прес-конференција за оваа година.
„САД продолжуваат да го зајакнуваат распоредувањето на силите во азиско-пацифичкиот регион, тоа е размислување како од Студената војна“, рече во четвртокот портпаролот на Министерството, Ву Чиан.
Тој оцени дека САД тоа го прават за „себични придобивки и за одржување на својата хегемонија“.
Видете и ова: Кина и САД ќе ја обноват воената комуникација на високо нивоАмериканските власти се надеваа дека минатонеделните разговори, кога началникот на Здружениот Генералштаб на САД, Чарлс Браун и неговиот кинески колега, генерал Лиу Женли, одржаа видео конференција на првиот ваков настан по повеќе од една година, може да доведат до обновување на воените врски меѓу две земји.
Тие разговори уследија по договорот постигнат во Сан Франциско минатиот месец од страна на лидерите на Кина и САД за обновување на таквите врски, кои Пекинг ги прекина по посетата на Тајван во 2022 година од страна на тогашниот претседател на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси.
Видеоповикот даде „позитивни и конструктивни резултати“, рече портпаролот на кинеското Министерство за одбрана, Ву Чиан.
Сепак, според неговите зборови, Пекинг очекувал Вашингтон „да преземе конкретни мерки врз основа на еднаквост и почитување со цел да го промовира здравиот и стабилен развој на односите меѓу армиите на двете земји.
Тајван тврди дека Кина ја зголемува воената активност како што се приближуваат изборите.
Во врска со прашањето за Тајван, каде што на 13 јануари се одржуваат претседателски избори, Ву ја обвини тамошната влада дека намерно ја „зголемува“ кинеската воена закана заради изборите.
Видете и ова: Тајван се жали на зголемена воена активност на КинаТој ги предупреди САД да не се мешаат во прашањето за Тајван, и меѓу другото, да не продаваат оружје на тој остров со демократски избрана влада.
„Ние цврсто се спротивставуваме на која било земја да има официјален и воен контакт со Тајван во каква било форма. САД манипулираат со прашањето на Тајван во различни форми“, рече Ву.
Ву, исто така, ги обвини САД за зголемените тензии во Јужното Кинеско Море, по неодамнешните спорови меѓу Кина и Филипините околу островите Спратли.
САД ја поддржаа Манила во нејзините поморски спорови со Кина како дел од поширокото зајакнување на врските под филипинскиот претседател Фердинанд Маркос Џуниор.