Над илјада здравствени работници ќе добијат работни договори на неопределено

илустрација

Работниот однос на 1117 лица кои работат на определено време како медицински и помошно-технички персонал, хигиеничари и возачи, со одлука на Владата, ќе им се трансформира на неопределено време, соопштија на заедничка прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски и министрите за здравство и за финансии, Фатмир Меџити и Фатмир Бесими.

Министерот Меџити појасни оти средствата за одобрените вработувања на неопределено време се обезбедени во рамки на јавните здравствени установи и Фондот за здравствено осигурување.

Меѓудругото, најави дека и во наредниот период ќе продолжи инвестирањето во примарната здравствена заштита, во изградбата на нови и современи здравствени установи, како и инвестирањето во обуки и развој на младиот медицински кадар во земјава.

Видете и ова: Вработувањата во администрација без амин од Министерството за финансии

Премиерот Ковачевски вели дека задоволни здравствени работници, значи и задоволни пациенти.

„Тука пред се, сакам да истакнам дека се скратија и процедурите за вработување во јавните здравствени установи, за да овозможиме полесно и побрзо пополнување на местата испразнети со пензионирања, или на здравствените работници кои си заминуваат од здравствените установи. Ние сме свесни за ризикот на одлив на кадри во здравството и затоа како и денес правиме се што е во наша моќ за да ги задржиме нашите кадри тука“, нагласи Ковачевски.

Исто така од следната година на институциите нема да им треба потпис на министерот за финансии за вработувања во јавен сектор. Секој буџетски корисник ќе треба да си направи годишен план за вработување. Тој план ќе треба да биде одобрен од надлежна институција, на пример министерство, совет на општина, а за државно претпријатие загубар ќе одлучува Владата.