Пред еден месец пристигнало барање од Украина за нова воена помош од Северна Македонија, но тоа е одбиено.
“Овојпат не сме во можност да одговориме позитивно на новото барање на Украина за донација на воена опрема од Северна Македонија“, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска на годишниот брифинг со новинарите.
Таа додаде дека опремата која ја побарала Украина и е потребна и се користи во Северна Македонија.
Министерката сепак додаде дека има подготвеност за нова обука на украински војници на македонска територија.
„Засега Република Северна Македонија, армијата и министерството остануваат отворени, доколку во иднина се појави потреба од дополнителна обука на дополнителен број нивни припадници. Но, во овој момент немаме најава, односно немаме конкретно побарување за колкав број припадници на украинската војска и каков вид обука ќе бидат извршени“, рече Петровска.
Претходно два пати имаше позитивни одговори на барањата од Украина. Тогаш, министерката за одбрана кажа дека земјава и донирала авиони и тенкови на Украина за да се одбрани од руската инвазија.
Видете и ова: Македонија – една од ретките земји кои на Украина ѝ донира воени авиониСпоред податоците на македонското Министерство за одбрана, целото донирано вооружување за одбрана на Украина од руската агресија чини меѓу 24 и 30 милиони евра.
Северна Македонија ѝ донираше на Украина 12 хеликоптери Ми-24. Овие хеликоптери со години не беа во функција.
Исто така, земјава на Украина ѝ донираше тенкови од советско производство Т-72 и воени авиони Су-25.
По руската инвазија врз Украина, која почна на 24 февруари 2022 година, Западот и помага на Украина да се одбрани и испраќа разни видови оружје, како и други видови на помош. Источните членки на НАТО, во најголема мера Полска и Чешка, испратија голем број тенкови од советско производство, со кои украинските војници се запознаени.
Испратени се и десетици хеликоптери, но европските држави во голема мера се скептични во однос на испраќањето воени авиони во Украина. Дел од нив бараат тоа да биде координирана акција со НАТО, а други велат дека авионите им требаат за одржувањето на сопствената безбедност.