Романија и Бугарија постигнаа договор со Австрија за делумно пристапување во Шенген

илустрација

Романија и Бугарија постигнаа договор со Австрија за делумно пристапување во Шенген зоната во март 2024 година, во поморската и воздушната гранична зона, соопшти романската влада.

„После 13 години Романија конечно ќе се приклучи на Шенген! Имаме политички договор за ова“, напиша романскиот премиер Марсел Чолаку на Фејсбук.

Романското Министерство за внатрешни работи соопшти дека е склучен „политички договор“ меѓу трите земји за проширување на зоната „до романската и бугарската воздушна и поморска граница“ од март 2024 година.

Прашањето за отворање на копнените граници беше одложено за дискусија следната година.

Австрија, која пред една година стави вето на влезот на двете земји во Шенген, на почетокот на декември ја претстави идејата за релаксирање на правилата за воздушниот сообраќај за Бугарија и Романија, доколку Брисел ги зајакне надворешните граници на ЕУ.

Пред неколку дена и парламентот во Холандија гласаше за влез на Бугарија во Шенген зоната.

Видете и ова: Парламентот на Холандија гласаше за влез на Бугарија во Шенген

Експертската мисија на Европската Комисија пред една година оцени дека Бугарија, Романија и Хрватска се подготвени да влезат во Шенген, но Холандија и Австрија не се согласија со тоа. Холандија остро се спротивстави на приемот на Бугарија, а Австрија и Бугарија и Романија.

Претходно, во ноември 2022 година, холандскиот парламент усвои резолуција со која се бара од владата да изврши проверки пред да донесе одлука за прием на Бугарија и Романија.

Од трите споменати земји, само Хрватска влезе во Шенген на 1 јануари годинава.

Шенген зоната е најголемата област во светот каде што е можно патување без пасош. Вклучува 22 членки на Европската Унија, како и Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија.