Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун повика на зголемена подготвеност за војна за да се отфрлат, како што ги нарекува, невидени конфронтирачки потези предводени од Соединетите Држави, објавија во четвртокот севернокорејските државни медиуми.
Јужна Кореја, од друга страна, вети остар одговор на секоја провокација од Северна Кореја.
Коментарите на Ким, дадени за време на политички состанок - каде беа објавени целите за 2024 година - сигнализираа дека Северна Кореја ќе продолжи да спроведува нуклеарни тестови за модернизирање на својот нуклеарен арсенал.
Набљудувачите велат дека Ким сака да го искористи својот нуклеарен арсенал за да изврши притисок за дипломатски преговори со Вашингтон, доколку има дијалог меѓу двете страни по претседателските избори во САД следната година.
Видете и ова: Ким предупредува на „нуклеарен напад“ доколку земјата биде испровоцирана од такво оружјеПланирано е седниците на Народната партија да траат неколку дена, а деталите за средбите ќе бидат објавени по завршувањето на седниците на 31 декември.
Експертите веруваат дека од Северна Кореја се очекува да преземе обврски и чекори кон зголемување на својот нуклеарен капацитет и проширување на соработката со Русија и Кина, кои исто така се ривали на САД.
Јужнокорејската шпионска агенција во четврток (28 декември) соопшти дека Северна Кореја има голема веројатност да изврши воени провокации и сајбер напади пред парламентарните избори во Јужна Кореја во април и претседателските избори во САД во ноември следната година.
Од минатата година, Северна Кореја изврши неколку ракетни тестови, со што ги прекрши забраните на Обединетите Нации. Минатата недела, земјата ја тестираше најнапредната ракета што ја има - Хвасонг 18 - за која верува дека има капацитет да погоди американско тло.
Севернокорејците веруваат дека имаат легитимно и суверено право да вршат такви тестови, наведувајќи ги воените вежби меѓу САД и Јужна Кореја, кои тие ги гледаат како подготовки за инвазија на нивната почва.
Севернокорејскиот лидер одби дијалог со САД, по неуспехот на преговорите во 2019 година, со Доналд Трамп, тогашниот американски претседател. Клучно прашање на средбите Ким-Трамп беше како да се укинат некои санкции кон Северна Кореја, во замена за нуклеарното разоружување на земјата.