Неколку загинати во напад на зграда во Појасот Газа

илустрација

Во нападот врз зграда во близина на болницата во Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа во средата загинаа неколку лица, соопштија повеќе извори, додавајќи дека за нападот е одговорен Израел.

Портпаролот на здравствените власти под контрола на Хамас информираше за 20 загинати и десетици повредени во Кан Јунис.

„Десетици маченици и ранети во бомбардирањето на станбена зграда пред болницата Ал Амал“, информираше Итната помош на палестинската Црвена полумесечина на платформата Х.

Портпаролот на израелската војска рече дека извештаите се истражуваат.

Видете и ова: Нетанјаху се залага за „доброволна миграција“ на Палестинците

Здравствените власти на исламистичката група Хамас соопштија дека новите смртни случаи значат дека 195 луѓе се убиени во израелските напади во Појасот Газа во изминатите 24 часа.

Во меѓувреме СЗО предупреди дека населението на Појасот Газа е во „голема опасност“, наведувајќи го акутниот глад и очајот на палестинската територија.

СЗО во вторникот соопшти дека доставила материјали до две болници - една на север и една на југ - при што 21 од 36-те болници во Појасот Газа веќе воопшто не функционираат.

Шефот на СЗО, Тедрос Гебрејесус, ја повика меѓународната заедница да преземе „итни чекори за ублажување на сериозната опасност со која се соочува населението во Газа, која ја загрозува способноста на хуманитарните работници да им помогнат на луѓето со ужасни повреди, акутен глад и висок ризик од болести“.