Со 63 гласа „за“ пратениците во Собранието попладнето на 27 декември го изгласаа буџетот за 2024 година.
Немаше ниту еден глас „против“, а 25 пратеници гласаа „воздржано“.
Буџетот за 2024 изнесува 5,5 милијарди евра. Во него, вкупните приходи се планирани на ниво од 310,1 милијарди денари и се за 10 отсто повисоки во однос на 2023. Расходите, пак, се проектирани на 343,6 милијарди денари или за околу 5,8 проценти повисоки во однос на актуелната година.
Проектираниот дефицит (разликата помеѓу приходите и расходите) од 33,5 милијарди денари како и отплатата на долгот во износ од 45 милијарди денари, ќе се финансираат преку домашно и странско задолжување.
Видете и ова: Два отсто од БДП за 2024 година ќе се додадат во буџетот за одбрана, најави министерката ПетровскаПарите во државниот буџет за следната година планино е да се трошат за: плати – 41,2 милијарди денари; стоки и услуги 25,3 милијарди денари; тековни трансфери и субвенции 215,3 милијарди денари; социјални трансфери 161,1 милијарди денари – од кои за пензии 83,6 милијарди денари, а за надоместоци за социјална заштита на најранливите слоеви на населението околу 13,2 милијарди денари.
Најголем придонес кон растот во 2024 година се очекува да имаат бруто-инвестициите со раст од 8,4 проценти, пред сè, како резултат на интензивирањето на реализацијата на големите инфраструктурни проекти финансирани од државата како што се коридорите 8 и 10-Д, придружени со мерките и активностите за поголема реализација на капиталните инвестиции предвидени со Планот за забрзан економски раст.