Основното јавно обвинителство (ОЈО) поднесе обвинение против пет луѓе и шест фирми за случајот Феникс. Тие се товарат дека переле пари.
Според обвинението, првообвинетиот, од втората половина на 2008 година до крајот на 2022 година во Скопје, за да прикрие дека поседува и располага со пари што потекнуваат од казниво дело и дека со нив создава нови приноси, како организатор, создал група што се занимава со перење на пари.
Во јуни кога беше отворена истрагата, беше речено дека се однесува на злоупотреби на пари за изработка на најголемите споменици од Скопје 2014, проект на владата предводена од Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ, со кој се смени изгледот на центарот на Скопје.
Воинот на коњ, спомениците на Даме Груев, Гоце Делчев, Никола Карев, Методија Андонов - Ченто, Цар Самоил, Гемиџиите, Цар Јустинијан, прво заседание на АСНОМ и споменик за основачите на ВМРО и лавовите се опфатени во истрагата „Феникс“ на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Кога беше отворена истрагата беше речено дека над 16 милиони евра државни пари биле префрлени на општина Центар, која во периодот од 2007 до 2013 година склучувала договори со италијански леарници на споменици, кои, пак, работата ја завршувале нивни подизведувачи за многу помали пари.
Тогаш истрагата опфаќаше 15 луѓе, а првоосомничен беше поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски, второосомничен поранешниот министер за финансии, Зоран Ставрески, а на долгата листа на осомничени се наоѓаше и поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа – Милевска, поранешните градоначалници на општина Центар, Владимир Тодоровиќ и Виолета Аларова.
Но на нив им застаре делото за злоупотреба на службената положба, откако во септември годинава беа донесени измени на Кривичен законик, со кои се намалија казните за делото злоупотреба на службена положба.
Според обвинението во состав на групата делувале и обвинетите фирми кои биле капитално, персонално и финансиски поврзани. На пет, од вкупно шесте фирми, првообвинетиот бил вистински сопственик, косопственик или управител.
Членовите на групата работеле и со други домашни и странски соработници и фирми. Имале намера парите стекнати со нелегални дејствија да ги внесат во јавните финансии, платниот промет и стопанството во Северна Македонија и да ги помешаат со легалните приходи, кои понатаму ќе создаваат нови приноси од казниви дела. Дел од парите се пуштале директно во државата, а дел преку други држави повторно доаѓале во Северна Македонија.
Видете и ова: „Феникс“ – истрага која го врати од заборав „Скопје 2014“„Потоа со конверзија на овие средства било прикриено нивното потекло и тие биле пуштени во оптек за прибавување на имот во државава и во странство и претворени во друг вид на имот или имотни права, a со цел да се прикрие нивната понатамошна локација, движење или сопственост, стекнување на нови користи (приноси) и трансформации на незаконски стекнатите пари и нивно помешување во легалните економски текови на финансискиот систем на Република Северна Македонија“, стои во соопштението на ОЈО.
На тројца од обвинетите им е определена мерка домашен притвор. Според досегашните докази, групата делувала преку формирање на фирми во странство, реализирање банкарски трансакции од и кон странски држави и купување на имоти во странство. Обвинителството вели според тоа доколу побегнат обвинеттие ќе имаат и материјални, финансиски и логистички можности да останат недостапни на органите на прогонот подолг временски период или целосно да ја одбегнат кривичната одговорност. Поради тоа им е продолжен домашниот притвор на три лица, а на едно му е предложена мерката за претпазливост, односно да се јавува еднаш неделно во Суд.
Целиот имот (хотел, деловни простории, станбени единици и други недвижни и подвижни предмети) идентификуван во текот на постапката е привремено обезбеден и ќе биде предложен за конфискација.