Владата треба да создаде правни предуслови за тука, во земјава, во рамки на македонскиот правосуден систем, да се процесуираат лицата кои се ставени на црна листа во други држави, порача денеска вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска.
На брифинг со новинарите, сумирајќи го сработеното во годината што е пред крај, Грковска информираше и дека во однос на Етичкиот кодекс, досега се изречени писмени опомени за 12 функционери, избрани и именувани, за различни прашања. Кај некои функционери, напомена, Кодексот нема никаков ефект, а кај некои се забележуваат промени во однесувањето.
„Многу лоша порака е да се види дека лицата кои се ставени на црна листа во други држави, кај нас се однесуваат како ништо да не се случило. За тоа мора да има последици, во легална процедура, но тоа треба да е поттик и за истражните и за правосудните органи поефективно и поефикасно да ја вршат својата работа. Меѓународната поддршка е секогаш добредојдена, но задача на домашните институции е преку правниот систем целата процедура да има завршница и да се види дека има последици за оние што го прекршиле законот“, истакна Грковска.
Видете и ова: Агелер: Лицата на „црната листа“ може да изразат незадоволство, но сакцијата остануваТаа потенцира дека медиумите, граѓанскиот сектор и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) се клучните партнери кои треба да реагираат и да укажуваат на таквите однесувања.
„Секогаш сме постапувале спрема Кодексот непристрасно, независно за кого станува збор. Докажавме дека Етичкиот кодекс е форма на дополнителен притисок што треба да ги потсетува функционерите дека имаат дополнителна обврска да бидат пример како функцинер треба да се донесува, зашто примерите што ги даваат на секое ниво, се пример за останатите во општеството. Тој систем на етички и морални норми треба да дојде прво од врвот, за потоа да се применува во сите делови од општеството“, додаде Грковска.
Годинава повеќе поранешни, но и актуелни функционери како градоначалникот на Струга Рамиз Мерко беа ставени на црната листа на САД, а последниот во низа беше поранешниот заменик премиер Кочо Анѓушев, на кого му е забранет влез во влез, поради, како што беше наведено од Стејт Департментот, „вмешаност во значителна корупција“.