Државната комисија за спречување на корупцијата поднесе иницијатива до Обвинителството за гонење организиран криминал за кривично гонење на поранешен директор на ЕСМ, како и за службени лица во Министерството за економија и во ЕСМ, за тендерот за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино.
Посочените лица биле членови на Комисијата за јавни набавки за тендерот за мазут од 212 милиони евра, кој го доби фирмата РКМ ДОО Скопје.
Од ДКСК соопштија дека постојат сомнежи дека функционерите ја злоупотребиле службената должност и предизвикале криза и пораст на цената на мазутот, со што му овозможиле поголем профит на РКМ.
Видете и ова: Пари за Чебрен има во буџетот, но веројатно ќе пропадне и 14-тиот тендер„Предметот е оформен од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата по сопствена иницијатива во врска со јавно изнесени наводи за незаконска набавка на мазут од страна на АД ЕСМ Скопје за потребите на АД ТЕЦ „Неготино“, со цел рестартирање на овој субјект за производство на електрична енергија. По оформувањето на предметот, на 28.2.2023 година, непознат подносител до ДКСК достави дополнителна документација, која се однесуваше за предметот, со цел ДКСК да ги испита состојбите наведени во пријавата. Вредноста на вкупната набавка е речиси седум милијарди и 500 илјади денари или околу 212 милиони евра. Набавката требало да ја изврши фирмата РКМ ДОО Скопје, при што била предвидена количина мазут за која постои сомнеж дека не можела да биде испорачана за многу кус временски период. Требало да бидат набавени околу 195 илјади тони мазут. Дополнително, според јавно изнесените наводи, АД ЕСМ Скопје наводно извршил и продажба на ноќни вишоци електрична енергија на една фирма, по цена што била многу пониска од берзанската. За наводите, кои се однесуваат на сомнеж за незаконска продажба на ноќни вишоци електрична енергија од страна на АД ЕСМ Скопје, ДКСК ќе одлучи со друга одлука кон предметот“, велат од ДКСК.
Од ДКСК додаваат дека постојат сомнежи за монополско здружување, затајување на данок и други кривични дела. За нивните сомнежи информираат дека ќе ја известат Владата, Комисијата за заштита на конкуренција, Регулаторна комисија за енергетика, УЈП и Финансиската полиција.