Со одлука на Милорад Додик, претседателот на Република Српска, Александар Вулин, поранешен министер во Владата на Србија и шеф на разузнавачката служба во таа земја, стана нов член на Сенатот на Република Српска.
Како што јави агенцијата Срна, Вулин е назначен за сенатор на 1 декември „врз основа на Уставот на Република Српска и Законот за Сенатот“, и оваа одлука ќе биде објавена во Службен весник на Република Српска.
Одлуката за назначувањето на Вулин се уште не е објавена ниту во Службен весник, ниту на веб-страницата на претседателот на РС.
Вулин, кој во претходната деценија беше директор на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија и министер за одбрана и внатрешни работи, на 3 ноември поднесе оставка од функцијата директор на Безбедносно-информативната агенција (БИА).
Српскиот политичар, кој ја предводи партијата Движење на социјалистите, од јули се наоѓа на листата на американски санкции поради наводна корупција, вмешаност во трговијата со дрога и врски со Русија.
Видете и ова: Директорот на српската БИА Александар Вулин поднесе оставкаПо објавувањето на санкциите против Вулин, Додик - кој исто така е под американски санкции - го поддржа, велејќи дека тоа е „награда за неговиот патриотизам и истрајност во зачувувањето на пријателските односи со Русија и рускиот народ“.
Во 2020 година, како министер за одбрана на Србија, Вулин го доби Орденот на знамето на Република Српска со златен венец во Бања Лука, за неговиот „придонес во развојот на севкупните односи меѓу Србија и РС“.
Сенатот на РС е советодавно тело формирано со Уставот на ентитетот од 1992 година, а неговата работа е регулирана со Законот за Сенатот од 1997 година.
Претседателот на РС избира сенатори, од кои може да има најмногу 55, нивниот мандат трае седум години, а како членови на сенатот се избираат „истакнати личности од јавниот, научниот и културниот живот“, како што се наведува во Устав.
Членови во составот на Сенатот од 2017 година се, меѓу другите, директорот Емир Кустурица, руската историчарка Јелена Гускова, бискупот на Дизелдорф и цела Германија, Григорије Дуриќ, поранешни и сегашни политичари, како и бизнисмени од РС.