Русија речиси целосно го пренасочи извозот на нафта во Кина и Индија, што значи дека добива приходи споредливи со 2021 година, односно пред воведувањето на западните санкции, објави рускиот вицепремиер задолжен за енергетика Александар Новак.
Според него, Русија, која е погодена од бројни западни санкции поради офанзивата во Украина, особено врз производителите на енергија, денес продава 45 до 50 отсто од нафтата на Кина и 40 отсто на Индија.
„Ако претходно ја снабдувавме Европа со 40 до 45 отсто од вкупниот обем на нашиот извоз на нафта и нафтени деривати, очекуваме дека таа бројка нема да надмине четири до пет отсто до крајот на оваа година“, рече Новак во интервју за телевизијата Русија 24.
Тој рече дека „рускиот енергетски и нафтен комплекс успешно се развил во 2023 година“, и покрај ограничувањата воведени од Западот.
Видете и ова: Гасоводот „Сибир-2“ во фокус на Путиновата посета на Кина„Многумина сакаат да купуваат руска нафта и нафтени деривати. Тоа се земји од Латинска Америка, африкански земји и други земји во азиско-пацифичкиот регион“, рече Новак.
Тој изјави дека руските приходи од нафта и гас ќе изнесуваат близу 9 000 милијарди рубљи (околу 88 милијарди евра) оваа година, што е „приближно на ниво од 2021 година“, пред воведувањето на санкциите. Додаде дека енергетската индустрија претставува 27 отсто од БДП на Русија, а нивната продажба во странство сочинува околу 57 отсто од вкупниот извоз на земјата.
На крајот на ноември, Русија, заедно со другите земји од групата ОПЕК плус (Организација на земјите извознички на нафта и нејзините сојузници), вклучително и Саудиска Арабија, одлучија да го задржат намалувањето на производството на нафта за да ги стимулираат цените.