СДСМ ги објави кандидатите за техничката влада

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски

Централниот одбор на СДСМ вечерва ги утврди кандидатите за министри во техничката Влада, на која премиер ќе биде Талат Џафери според договорот кој го постигнаа СДСМ и ДУИ по изборите во 2020 година.

Митко Бојмацалиев, кој е актуелен шеф на кабинет на министерот Оливер Спасовски, е избран за кандидат за дополнителен заменик-министер за внатрешни работи, Славица Грковска е кандидатка за заменик на претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, а за вицепремиери за економски и европски прашања кандидати се Фатмир Битиќи и Бојан Маричиќ, соопшти СДСМ.

Централниот одбор на СДСМ ги избрал актуелните министри за култура, за животна средна, за земјоделство, шумарство и водостопанство, за транспорт и врски и за одбрана, Бисера Костадиновска Стојчевска, Каја Шукова, Љупчо Николовски, Благој Бочварски и Славјанка Петровска, да продолжат да раководат со ресорите и во техничката влада.

Видете и ова: Партиски тактизирања за ДИК може да фрлат дамка врз изборите

Парламентарните избори треба да се одржат на 8 мај 2024 година. Во ист ден ќе се гласа и во втор круг претседателски избори, додека првиот круг за избор на шеф на државата треба да се одржи на 24 април, според договореното н а лидерската средба на 4 декември.

Со вака договорените датуми, техничката влада што ќе ја предводи Џафери треба да стапи на должност на 28 јануари, а еден месец подоцна Собранието ќе ги распише изборите.

Централниот одбор го утврди Јован Митрески за кандидат на СДСМ за претседател на Собранието до завршување на мандатот на парламентарниот состав 2020-2024 година.

Во владиниот кабинет на Џафери со министри за внатрешни и за труд и социјална политика, како и тројца заменици (за финансии, за земјоделство и за информатичко општество и администрација) предвидено е да биде застапена опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ денеска соопшти дека се утврдени нивните кандидати за заменици-министри за правда, за здравство, за информатичко општество и администрација, за финансии, за локална самоуправа: Викторија Аврамовска Мадиќ, Маја Манолева, Александар Бајдески, Филип Николовски и Мики Крстев.

Видете и ова: Ковачевски и Мицкоски ќе разговараат за техничка влада, но без медиуми

Кандидатка за дополнителен заменик министер за труд и социјална политика била утврдена актуелната министерка Јованка Тренчевска.

Исто така за шеф на Централниот изборен штаб на СДСМ бил избран генералниот секретар Миле Зечевиќ Вардарски.

За претседавач со Централниот одбор на СДСМ е избрана Салавјанка Петровска, којашто заедно со Дашмир Афети од Желино се избрани и за нови членови на Центраниот одбор, соопшти СДСМ.

СДСМ денеска соопшти дека го овласти претседателот на партијата Димитар Ковачевски да формира работна група и да разговара со сите политички субјекти, невладини организации и со „сите оние кои го поддржуваат европскиот пат и иднината на земјата ја гледаат како полноправна членка на Унијата.