Француските ѕвезди го бранат Депардје по обвинувањата за силување

Жерар Депардје во Москва, Русија на 27 април 2018 година.

Жерар Депардје во Москва, Русија на 27 април 2018 година.

Повеќе од 50 француски изведувачи, писатели и продуценти објавија есеј во одбрана на филмската ѕвезда и национална икона, 74-годишниот Жерар Депардје, во врска со обвинувањата дека извршил силување и сексуален напад и дека се однесувал недолично кон жените во текот на неговата кариера.

Есејот беше објавен во конзервативниот весник „Фигаро“, а го потпишаа личности меѓу кои и поранешната прва дама и пејачка Карла Бруни, поранешната партнерка на Депардје, Карол Буске и актерите Пјер Ришар, Шарлот Рамплинг и Викторија Абрил, пишува АП.

Против Депардје во 2020 година беше покренато прелиминарно обвинение за силување и сексуален напад врз основа на сведочењето на актерката Шарлот Арнолд.

Неколку други жени го обвинија за вознемирување, допирање или сексуален напад.

Депардје ги негираше обвинувањата и го нарече есејот „убав“.

Бранителите на правата на жртвите на сексуална злоупотреба го изразија своето незадоволство од поддршката за познатиот актер.

Во неодамна објавениот документарен филм, 16 жени излегоа со обвинувања за сексуална злоупотреба против Депардје. Филмот прикажа дека актерот правел грозни коментари и гестови за време на патувањето во Северна Кореја во 2018 година.