ЕУ нагласува дека насилството на протестите во Србија е неприфатливо

Протест на опозициската коалиција „Србија против насилството“, 25 декември 2023 година

Правото на мирни демонстрации мора да се почитува, но насилството не е решение и е неприфатливо, соопшти Европската Унија (ЕУ) за Гласот на Америка.

„Акциите на полицијата мора да бидат соодветни и основните права мора да се почитуваат во рамките на владеењето на правото. ЕУ повикува на мир и дијалог“, се вели во нивниот одговор.

Од Брисел не сакаа да одговорат на прашањето како ги коментираат обвинувањата на властите во Србија кон неименувани западни земји за предизвикување немири на протестите по изборите.

Европската Унија повторно повика на „соодветна истрага за наводите за изборни нерегуларности“.

Опозицијата протестира по изборите на 17 декември, обвинувајќи ја владејачката Српска напредна партија (СНС) за изборна кражба, вклучително и со фиктивно регистрирање на нејзините гласачи од Србија и од странство на адреси во Белград.

Републичката изборна комисија (РИК) на 24 декември соопшти дека ресорните министерства ги проверувале избирачките списоци и утврдиле дека тврдењата на коалицијата „Србија против насилството“ дека бројот на гласачи со право на глас на изборите во Белград е вештачки зголемен во со цел да се влијае на исходот на изборите „не се точни“.

Видете и ова: Осми протест во Белград, студентите го одблокираа сообраќајот во центарот на градот

Истиот ден, претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека гласањето се одвивало во демократска атмосфера и дека тоа било „најмирното досега во модерната историја“.

ОДИХР на 18 декември објави дека изборите ги одбележале сериозни нерегуларности, злоупотреба на јавни средства, медиумска доминација на претседателот на државата Александар Вучиќ, негативна кампања и ширење страв.

Дел од европратениците повикаа на независна истрага за сите пријавени нерегуларности за време на изборите одржани во Србија на 17 декември.

Американскиот Стејт департмент ги повика властите во Србија да соработуваат со мисијата на ОБСЕ во истрагата за наводите за изборни нерегуларности.

Граѓаните на Србија на 17 декември гласаа на парламентарни, покраински и локални избори во 65 градови и општини, вклучувајќи го и Белград.

СНС прогласи победа на сите нивоа.