Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, за кој соработниците утврдија дека е префрлен во затвор на Арктикот, во вторникот (26 декември) на социјалните мрежи објави дека е „добро“.
Патувањето до новиот затвор траеше 20 дена и беше „прилично напорно“, напиша Навални на платформата X.
„Во секој случај, не грижете се за мене. Добро сум. Ми олесна што конечно стигнав“, додаде тој.
Видете и ова: Навални се наоѓа во затвор на АрктикотСоработниците на Навални објавија дека тој се наоѓа во ИК-3 во населбата Харпа во автономниот округ Јамало-Ненец, на околу 1 900 километри североисточно од Москва.
Четириесет и седумгодишниот Навални беше затворен во 2021 година, откако доброволно се вратил од Германија, каде што бил лекуван од, како што покажуваат западните лабораториски тестови, обид за труење со нервен агенс.
Навални рече дека бил отруен во Сибир во август 2020 година. Кремљ негираше дека стои зад обидот за убиство на Навални и вели дека нема докази дека бил отруен со нервен агенс.
Казната му беше продолжена на 19 години оваа година поради обвинение за екстремизам.