Корисниците на електрична енергија од првиот блок кои имаат најмала потрошувачка од први јануари ќе плаќаат поевтина струја, цената на струјата за корисниците од вториот блок останува иста, а поскапува струјата за корисниците од третиот и од четвртиот блок. Во зависност од потрошувачката, просечно семејство со просечна потрошувачка и од нова година, ќе плаќа исти сметки како досега, соопшти претседателот на регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски.
Според новата пресметка на регулаторна, евтината струја останува иста, скапата струја во првиот блок поевтинува за 5, 16 отсто, во вториот блок останува иста, во третиот блок поскапува за 2, 88 отсто, и во четвртиот поскапува за 1, 86 отсто.
На сметка на намалувањето, во сметката за електрична енергија ќе има уште една ставка, за пристап до мрежа, кој ќе го плаќаат сите, трошеле или не струја, која првенствено е наменета за сопствениците на викендици, станови или куќи кои не се во редовна употреба.
„Сите потрошувачи, односно домаќинства ќе плаќаат 200 денари за пристап на мрежа. Дополнително потрошувачката на струја се намалува во земјата пред се поради поставувањето на фотоволтаици на домаќинства и компани. Не беше фер тој товар да го поднесат потрошувачите кои не поставиле фотоволтаици на своите кровови. Ова е правилен пристап според нашата институција“, рече Бислимоски.
АД МЕПСО, Електродистрибуција и МЕМО побараа од Регулаторната комисија струјата од 1 јануари да поскапи 27 проценти, но можноста за толкаво поскапување, претседателот Бислимовски ја отфрли кусо време по добивањето на барањата со најава дека ќе се анализираат пресметките.
Видете и ова: Пристапот до мрежа најмногу ќе ги погоди тие што штедат струјаОд 2024 година пресметките за цената на електричната енергија ќе ги прави ЕВН, но последниот збор за цената ќе го има Регулаторната комисија за енергетика, која ќе прави надзор на пресметките.
Сметките за струја на граѓаните сега се поделени во четири тарифи. Евтина струја има само ноќе, а од први декември се врати и дневната евтина струја, иако не за сите граѓани. Тие што имаат стари броила треба да почекаат рачно да им бидат сменети.