Американскиот Стејт департмент ги повика властите во Србија да соработуваат со мисијата на ОБСЕ во истрагата за наводите за изборни нерегуларности, пренесува Гласот на Америка.
Како што истакна Стејт департментот, насилството врз новинарите, набљудувачите и изборните службеници е „неприфатливо“, како и дека легитимноста на демократските процеси зависи од транспарентноста и подготвеноста на сите учесници да ја прифатат волјата на изборите.
„Фокусирани сме на соработката со Србија за зајакнување на демократската влада и владеењето на правото, подобрување на регионалната соработка, продолжување на економскиот раст и забрзување на напредокот на Србија на патот кон членство во Европската унија. Иднината на Србија е на Запад“, се наведува во писмениот одговор на Стејт департментот на прашањето на Гласот на Америка за новите протести во Белград.
Видете и ова: Протест на листата „Србија против насилството“: Да се поништат изборите во БелградВо соопштението се наведува дека загрижувачки се наодите на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) дека изборите биле нарушени со бројни процедурални пропусти, притисоци врз јавни функционери и злоупотреба на јавни ресурси и дека овие фактори, заедно со системските предности на владејачките партии, создаle нефер услови.
„САД ја повикуваат Србија тесно да соработува со ОБСЕ за да ги реши овие грижи“, напишаа тие, додавајќи дека наводите за нерегуларности, пријавени од ОДИХР и други тимови за набљудување на изборите, треба да се истражат.
Опозицијата протестира по изборите на 17 декември, обвинувајќи ја владејачката Српска напредна партија за изборна кражба, вклучително и со фиктивно регистрирање на нејзините гласачи од Србија и од странство на адреси во Белград.
Видете и ова: Уапсени демонстранти, повредени полицајци на протестите во БелградРепубличката изборна комисија (РИК) на 24 декември соопшти дека ресорните министерства ги проверувале избирачките списоци и утврдиле дека тврдењата на коалицијата „Србија против насилството“ дека бројот на гласачи со право на глас на изборите во Белград е вештачки зголемен со цел да се влијае на исходот на изборите „не се точни“.
Истиот ден, претседателот на Србија изјави дека гласањето се одвивало во демократска атмосфера и дека тоа било „најмирното досега во модерната историја“.
ОДИХР на 18 декември објави дека изборите ги одбележале сериозни нерегуларности, злоупотреба на јавни средства, медиумска доминација на претседателот на државата Александар Вучиќ, негативна кампања и ширење страв.
Дел од европратениците повикаа на независна истрага за сите пријавени нерегуларности за време на изборите одржани во Србија на 17 декември.
Видете и ова: Српското обвинителство отвори предмет за „фантомските гласачи“ во БелградГраѓаните на Србија на 17 декември гласаа на парламентарни, покраински и локални избори во 65 градови и општини, вклучувајќи го и Белград.
Српската напредна партија прогласи победа на сите нивоа.