Министерот за информатичко општество и администарција Азир Алиу верува дека ќе биде комплетиран составот на ДИК односно ќе биде избран седмиот член, во согласност со законот и дека од резултатот ќе бидат задоволни сите.
„Јас цврсто верувам во легислативата и законите. Тој процес е се уште активен во Собранието, значи не е завршен и јас верувам дека според правилникот и процесите и поврзаноста на активностите со законот ќе имаме добар завршеток на процесот. Процесот е се уште активен. Имаме само најави од опозицијата, но јас не верувам дека ќе стигнеме до таков момент да може опозицијата да не биде дел од ДИК“, одговори Алиу на новинарско прашање на денешната средба со новинарите.
Видете и ова: Партиски тактизирања за ДИК може да фрлат дамка врз изборитеНа околу четири месеци пред избори, пратениците треба да изберат кој ќе го пополни испразнетото место, што во февруари го испразни Кренар Лога, кој стана министер за правда, кога неговата партија Алијанса за Албанците реши да влезе во владејачката коалиција.
Местото и припаѓа на албанската опозиција, а таа излезе со поддршка за двајца различни кандидати.
Зад Абудуш Демири застана коалицијата Европски сојуз за промени. Зулфи Адили, пак, доби поддршка од Европската демократска партија на Аријанит Хоџа, кој пред да ја формира оваа партија, беше дел од Беса. Идниот член на ДИК треба да се избере на пленарна седница со двотретинско мнозинство, односно 80 гласа „за“.
Инаку прашан во однос на можноста за коалицирање, Алиу кој е член на партијата Алијанса за Албанците вели дека се уште не е одлучено за тоа дали ќе бидат дел од опозицијата, ќе останат со владеачката коалиција или ќе одат самостојно на претстојните парламентарни избори.
„Нашата партија е отворена и порано, не само во овој период, исто така, во моментот е главен фактор на следните избори заради тоа што и од самиот процес вие гледате дека сите партии едноставно сакаат АА да биде дел од тој кластер. Значи дали ќе биде тој кластер во којшто сме во моментот, во Влада или опозицискиот кластер, како и да е, ние како партија имаме состаноци прво внатре и ќе се одлучи на крајот на денот дали да одиме сами на избори или да бидеме дел од некоја коалиција врз основа на активностите и плановите кои таа група на партии ги има“, рече Алиу.