Египет има нов предлог за ставање крај на војната меѓу Израел и Хамас

илустрација

Египет даде нов предлог за ставање на крај на војната меѓу Израел и Хамас кој вклучува прекин на огнот, постепено ослободување на заложниците и создавање на палестинска влада од експерти за управување со Појасот Газа и окупираниот Западен Брег, изјави за Асошиетед прес, висок египетски функционер и европски дипломат.

Предлогот, кој беше разработен со Катар, им беше претставен на Израел, Хамас, Соединетите Држави и европските влади, но се чини дека е сè уште прелиминарен. Предлогот не ја исполнува целта на Израел за целосно уништување на Хамас, која ЕУ и САД ја прогласија за терористичка група. Исто така, како што се наведува, предлогот не го поддржува инсистирањето на Израел да ја задржи воената контрола над Газа подолг период по завршувањето на војната.

Информациите за предлогот доаѓаат по три крвави дена во Газа, во кои според извештаите, загинале десетици луѓе. Војната опустоши големи делови од Газа, убивајќи повеќе од 20 400 Палестинци и раселени речиси 2,3 милиони жители на областа. Зголемениот број на загинати меѓу израелските војници, 156 од почетокот на копнената офанзива, би можело да ја намали јавната поддршка за војната што започна на 7 октомври по нападот на Хамас во кој загинаа 1200 луѓе.

Видете и ова: Нетанјаху: Војската дејствува според израелските оперативни наредби

Египетскиот предлог, пишува Асошиетед прес, е амбициозен обид не само да се стави крај на војната, туку и да се создаде план за подоцна.

„Тој повикува на првичен прекин на огнот до две недели во кој палестинските милитанти ќе ослободат 40 до 50 заложници, вклучувајќи жени, болни и постари лица, во замена за ослободување на 120-150 Палестинци од израелските затвори,“ изјави египетски официјален претставник кој зборуваше под услов да остане анонимен.

Во исто време, како што наведува, би продолжиле преговорите за продолжување на примирјето и ослободување на повеќе заложници.

Видете и ова: Најмалку 180 луѓе загинаа викендов во Појасот Газа

Египет и Катар, исто така, ќе соработуваат со сите палестински фракции, вклучувајќи го и Хамас, за да се договорат за формирање експертска влада. Тоа тело ќе владее со Газа и на Западниот Брег во преоден период, додека палестинските групи не ги решат своите спорови и не се договорат за планот за одржување претседателски и парламентарни избори, додаде тој.

Во меѓувреме, Израел и Хамас ќе продолжат да преговараат за сеопфатен договор. Ова би вклучувало ослободување на сите преостанати заложници во замена за сите палестински затвореници во Израел, како и повлекување на израелската армија од Газа и прекин на ракетните напади на палестинските милитанти врз Израел. Според палестинските податоци, близу 8000 Палестинци се во затвори во Израел поради обвиненија или осуди поврзани со безбедноста.