Членови на Синдикатот на УПОЗ на мирен протест

Илустрација од протест на судската администрација, септември 2023 година

Членови на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на РМ (УПОЗ) денеска (25 декември) ќе одржат мирен протест пред Министерството за финансии (МФ) поради времената мерка на Уставниот суд, со која се замрзна исплатата на надополнувањето на основната плата за 30 проценти на вработените во Министерството за финансии и вработените во другите органи на управата, кои се опфатени со автентичното толкување.

УПОЗ најави дека ќе протестираат нивни членови од Министерството за финансии, Управата за имотно-правни работи и Бирото за јавни набавки.

Уставниот суд на седница на петти месецов поведе постапка за преиспитување на уставноста на членот 66 став 3 од Законот за буџети, со кој се овозможи покачување за 30 отсто на платите на вработените во Министерството во финансии и органи на државна управа кои вршат работи поврзани со Буџетот.

Видете и ова: Незадоволството експлодира на улица – власта „купува“ време

Како што информираа од Уставен суд, донесена е времена мерка до конечна одлука, што значи додека Судот конечно не е произнесен.

Според подносителот на иницијативата не е јасно кои вработени имаат право на дополнување на основната плата од 30 отсто, кои биле работните места со соодветни специфики и посебни одговорности и врз основа на што се определуваат овие места и кој ќе ги определува.

Во иницијативата има наводи дека вработените во Министерството за финансии кои вршат специфични работни задачи и имаат посебна одговорност се доведуваат во неосновано привилигирана положба во однос на граѓаните кои се вработени во други органи на државната управа и вршат специфични задачи и имаат посебна одговорност, со што се ставаат во нерамноправна положба.