Најмалку четири лица загинаа, а уште девет се ранети во руско гранатирање во јужниот украински град Херсон во изминатите 24 часа, соопштија регионалните власти на 24 декември.
Руските војници истрелаа над 70 грани врз Херсон, погодувајќи го центарот на градот, станбените области, медицинските и образовните институции и „критичните инфраструктурни објекти“, напиша на Телеграм, Олександр Прокудин, шеф на регионалната воена администрација.
Прокудин рече дека еден постар пар на 80-годишна возраст и едно дете се меѓу жртвите.
Украинските сили повторно го зазедоа Херсон по неколкумесечната руска окупација во ноември минатата година, но руските сили продолжуваат да ја гранатираат областа.
Одделно, Киев соопшти дека украинската воздушна одбрана соборила 14 од 15 руски беспилотни летала лансирани во текот на ноќта.
„Воздухопловните сили на Украина и одбранбените сили уништија 14 Шахеди во регионите Миколајев, Кировохрад, Запорожје, Днепро и Хмелњицки“, соопштија од украинските воздухопловни сили на апликацијата за пораки Телеграм.
Имаше 80 борбени судири на линијата на фронтот во изминатите 24 часа, соопшти Генералштабот на вооружените сили на Украина, тврдејќи дека украинските војници одбиле 17 руски напади во близина на областа Купјанск во областа Харков и 11 напади во близина на областа Бахмут во провинцијата Доњецк.
Видете и ова: Холандија ќе и ги испорача првите Ф-16 на Украина„Нашите војници цврсто ја држат одбраната во областа Авдијивка [во провинцијата Доњецк], нанесувајќи им значителни загуби“ на руските сили, соопшти Генералштабот.
Немаше моментални коментари од руските власти.
Извештаите доаѓаат додека Украина очекува да ја добие својата прва пратка напредни борбени авиони Ф-16, според холандскиот премиер Марк Руте.