Повеќе од десетина израелски војници се убиени во борбите во Појасот Газа во изминатите неколку дена, соопшти во неделата израелската војска. Ова соопштение дојде по некои од најкрвавите денови од војната од почетокот на копнената офанзива на Израел кон крајот на октомври.
Во борбите во централниот и јужниот дел на Појасот Газа во петокот и саботата, загинаа 13 израелски војници, што, според новинската агенција Асошиетет Прес, покажува дека палестинската милитантна група Хамас сè уште им нуди силен отпор на израелските војници по повеќе од два месеци воена кампања.
Зголемениот број на загинати меѓу израелските војници веројатно ќе биде важен фактор за поддршката на израелската јавност за војната што започна кога милитантите предводени од Хамас го нападнаа јужниот дел на Израел на 7 октомври, убивајќи 1.200 и земајќи 240 заложници.