Косовскиот премиер Албин Курти на 23 декември обвини дека поранешниот потпретседател на Српската листа и водач на септемврискиот вооружен напад во селото Бањска, Милан Радоичиќ подготвува нови напади на Косово.
Курти на прес-конференцијата без да презентира никакви докази рече дека се подготвуваат нови напади од членовите на групата што го изврши нападот во селото Бањска на 24 септември.
Група вооружени Срби ја нападнаа косовската полиција во Бањска на 24 септември, кога беше убиен наредникот Африм Буњаку. Потоа, во размената на огнот беа убиени тројца српски напаѓачи. Косово тврди дека Србија стои зад овој напад, што официјален Белград го демантираше.
Видете и ова: Курти: Можам да напишам статут за формирање на Заедница на српски општини со моите министриКурти пред новинарите рече дека Радоичиќ „има редовни состаноци со српските разузнавачи“, а спомена и неколку локации во Србија, вклучително и воени полигони за обука, каде што наводно „тренираат членови на групата на Радоичиќ“.
„По терористичкиот напад, српскиот суд во рекордно време го ослободи Радоичиќ. Тој сега ги продолжува подготовките за други напади на Косово заедно со некои од членовите на терористичката организација „Граѓанска одбрана“, изјави Курти.
Тој изјави и дека оружјето употребено во нападот во Бањска било складирано во „српска компанија која е на црната листа на Соединетите Американски Држави“.
Курти, исто така, тврди дека групата од 80 луѓе кои го напуштиле Косово „продолжуваат со вежби на полигонот Зимовник кај Рашка, а вежбите ги водат пензионирани српски војници“.
Тој рече дека Косово во соработка со меѓународните партнери е подготвено да одбие такви напади.