Руската Централна изборна комисија на 23 декември го одби барањето на Екатерина Дунцова, која повикува на мир, да се кандидира на претседателските избори следната година.
Комисијата како причина ги наведе „грешките во документите“ поднесени од Дунцова, поранешна новинарка и градска советничка која се бори „за мир и демократски процеси“, објави руската телевизија.
Шефот на комисијата Ела Памфилова изјави дека членовите едногласно ја отфрлиле кандидатурата на Дунцова за изборите на кои се очекува лесна победа на претседателот Владимир Путин.
Комисијата објави дека Дунцова не може да продолжи во следната фаза на собирање потписи на поддржувачи.
„Млада си, имаш време пред себе“, и рекла Памфилова.
Видете и ова: Упориштата на Кремљ во новиот парламентарен состав на Србија
Четириесетгодишната Дунцова поднела документи за учество на изборите во март како независен кандидат. Памфилова во саботата (23 декември) изјави дека за претседателските избори се пријавиле 29 лица.
Руските власти со години ги спречуваат опозициските политичари да учествуваат на изборите и во политичкиот живот, што се интензивираше откако Кремљ започна инвазија на Украина во 2022 година.