Израел продолжи со нападите врз Појасот Газа во саботата ( 23 декември), каде властите под контрола на Хамас објавија за силно гранатирање во неколку градови, неколку часа откако Советот за безбедност на ОН усвои резолуција за да се дозволи достава на поголема помош до опколената палестинска територија.
Министерството за здравство под контрола на Хамас соопшти дека 18 лица загинале во напад на куќа во бегалскиот камп Нусејрат во централниот дел на Појасот Газа.
Израелската војска соопшти доцна во петокот дека уништила „стратешки“ тунелски комплекс, при што додаде дека е уништен и „штаб на Хамас , и дека се елиминирани терористи“ во операциите во градот Газа, каде што израелските сили се бореле со вооружените лица на Хамас.
Министерството за здравство во Појасот Газа, со кое од 2007 година управува исламистичкото движење Хамас, објави дека во израелските бомбардирања во текот на 48 часа загинале повеќе од 400 луѓе.
Веднаш по гласањето во ОН, Израел објави дека ќе продолжи со воздушниот и копнениот напад врз Појасот Газа додека Хамас не биде „елиминиран“ и додека не се ослободат заложниците кои се уште се држат на територијата.