Вториот нуклеарен реактор на Северна Кореја најверојатно во функција

Нуклеарна централа Јонгбјон, Северна Кореја (илустрација)

Организацијата за нуклеарен надзор во ОН и независните експерти истакнуваат дека изгледа дека за прв пат работи нов реактор во севернокорејскиот нуклеарен комплекс Јонгбјон, што пак би значело дополнителен потенцијален извор на плутониум за нуклеарно оружје, пренесува Ројтерс.

Северна Кореја со години користи потрошно гориво од својот 5 мегаватен нуклеарен реактор Јонгбјон за производство на плутониум за својот нуклеарен арсенал, но ослободувањето топла вода од поголем реактор со лесна вода сугерира дека и тој е уклучен, изјави Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

„Ослободувањето на топла вода покажува дека реакторот достигна критично ниво“, изјави шефот на МААЕ Рафаел Гроси, што значи дека нуклеарната верижна реакција во реакторот е самоодржлива.

Видете и ова: Ким предупредува на „нуклеарен напад“ доколку земјата биде испровоцирана од такво оружје

Агенцијата нема пристап до Северна Кореја откако Пјонгјанг ги протера своите инспектори во 2009 година. Таа сега ја следи земјата главно користејќи сателитски снимки.

„Без пристап, МААЕ не може да го потврди работниот статус на реакторот“, рече Гроси.

МААЕ вели дека од октомври забележала истекување на тешка вода од системот за ладење на реакторот со лесна вода, што укажува на тоа дека реакторот е оперативен.

„Поновите индикации се дека водата била топла“, рече Гроси.

„LWR, како и секој нуклеарен реактор, може да произведе плутониум во своето озрачено гориво, кое може да се одвои за време на повторната преработка, така што тоа е причина за загриженост“, рече тој, додавајќи дека е „длабоко тажен“ од напредокот на севернокорејската нуклеарна програма.