Над 10 загинати во пукање на Универзитетот во Прага, меѓу нив и напаѓачот

Полицаец ја обезбедува областа по пукањето во една од зградите на Карловиот универзитет во Прага

Во пукање во зградата на Филозофскиот факултет во центарот на Прага на 21 декември загинаа 11 лица, вклучувајќи го и напаѓачот, објави итната медицинска помош во Прага доцна попладнево.

„11 мртви, вклучувајќи го и напаѓачот. Деветмина се потешко повредени, а пет до шест лица имаат помалку тешки повреди од нив, додека десет лица се полесно повредени. Бројките и натаму можат да се променат“, стои во соопштението на Прашката итна помош на мрежата Х.

Полицијата претходно објави дека напаѓачот е убиен, но не соопшти детали за жртви или за околностите за пукањето.

„Напаѓачот е елиминиран. Целата зграда моментално се евакуира, а на местото на настанот има неколку мртви и десетици повредени“, соопшти полицијата на социјалната мрежа Х.

Чешките медиуми пренесуваат дека пукањето се случило на Филозофскиот факултет при Карловиот Универзитет, кој се наоѓа на околу 500 метри од Карловиот мост, чии професори и студенти добија инструкции да се заклучат бидејќи полициската акција е во тек.

Видете и ова: Пукање во центарот на Прага, има мртви и повредени

Полицијата била повикана околу 15 часот, а медиумите пренесуваат дека во тоа време во Универзитетот се одржувал божиќен концерт.

Министерот за внатрешни работи Вит Ракусан, за јавната чешка телевизија рече дека „не е повреден ниту еден друг напаѓач“ и ги повика луѓето да ги следат полициските инструкции.

Чешкиот премиер пак Петр Фиала, рече дека ги откажал состаноците поради овие трагични настани.

Вооружена полиција на балконот на Универзитетот во центарот на Прага, 21 декември 2023 година.

Претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лајен изрази сочувство до чешкиот народ.

„Шокирана сум од ова бесмислено насилство и пукање кое денеска однесе неколку животи во Прага“, напиша Фон дер Лајен.