Во пукање во центарот на Прага убиени или повредени се повеќе лица, но точниот број засега не е познат, објави чешката полиција.
„Напаѓачот е елиминиран! Целата зграда моментално се евакуира, а на местото на настанот има неколку мртви и десетици повредени“, објави полицијата на социјалната мрежа Х, порано позната како Твитер.
Полицијата апелира граѓаните да не се задржуваат во непосредна близина на местото на настанот и да не излегуваат од дома.
„Интервенцијата на полицијата и натаму е во тек“, додаваат полициските службеници.
Засега полицијата не открива повеќе детали за жртвите и околностите за пукањето на 21 декември во главниот град на Чешка. Оттаму велат дека полицајците се распоредени ширум плоштадот поради пукање во училиште.
Во таа област се наоѓаат Филозофскиот факултет на Карловиот Универзитет и Академијата за уметност, архитектура и дизајн. Повеќе детали од полицијата се очекуваат наскоро.
„Не движете се никаде, доколку сте во вашите канцеларии, заклучете ги и ставете мебел пред вратите, исклучете ги светлата“, стои во пораката испратена до персоналот на Филозофскиот факултет, во која Ројтерс имаа увид.
Приватната телевизија „Нова“ објави за експлозија и напаѓач на покривот на зграда во историскиот центар на Прага.
Министерот за внатрешни работи Вит Ракусан изјави за јавната чешка телевизија дека „не се потврдени други напаѓачи“ и ги повика луѓето да ги следат полициските инструкции.
Премиерот Петр Фиала рече дека ги откажал претстојните ангажмани поради „трагичните настани“ во центарот на Прага.