Уште седум пациенти со цистична фиброза ќе добијат трикафта

Лекот трикафта за болните со цистична фиброза

Седум пациенти со цистична фиброза од вкупно 55 ставени на листа за чекање, од понеделник можат да почнат да го примаат лекот „трикфта“. Постепено на терапија ќе бидат вклучени и останатите од листата.

Возрасната граница за почеток на терапијата, директорката на Детската клиника, Стојка Нацева-Фуштиќ вели дека е 12 години, но дозволени се исклучоци доколку се утврди потреба од лекот и кај помлади од 12 години.

„Верувам дека во 2024 година сите пациенти кои се подобни за терапија, а тоа се пациентите од 12 години и постари ќе бидат ставени на терапија. Верувам дека во наредните години возрасната граница за започнување терапија ќе се намалува, но она што е важно е дека лекот влезе кај нас и ќе биде во континуитет обезбедена терапија за 2024 и 2025 година“, рече Нацева-Фуштиќ на денешната прес-конференција.

Видете и ова: Додека чекаат „трикафта“, на пациентите со цистична фиброза им ја снемува и основната терапија

Министерот за здравство Фатмир Меџити пак посочи дека бирократските работи не смеат да бидат причина за загрозување на здравјето на граѓаните.

„Бирократските работи не смеат да бидат причина за загрозување на здравјето на граѓаните, лекот трикафта е веќе на Универзитетската клиника за детски болести со 100 милиони денари набавена е терапија за следните неколку месеци. Дополнително предвидени се 854 милиони денари за лекот за 2024 и 2025 година, пациентите со цистична фиброза етапно се вклучуваат на терапија, па така согласно протоколот и прецизните кртериуми на еволуацијата се одлучува за добивање на терпија. Листата на пациентите е направена од страна на стручна комисија по направени медицински прегледи на сите пациенти со цистична фиброза според бодирање“, рече министерот.

Инаку цистична фиброза е генетска болест која ја имаат околу 130 луѓе во земјава, а околу 80 го имаат потребниот генотип за да примаат „трикафта“. Оваа болест тешко ги напаѓа белите дробови и панкреасот и напредува како што минуваат годините. Затоа пациентите се млади, а нивниот животен век краток. Едни од лековите кои се покажале како ефективни во третирањето на оваа болест се лекот трикафта и основната терапија со ензимот „креон“.