Албанскиот парламент му го одзеде пратеничкиот имунитет на Сали Бериша

Сали Бериша

Албанскиот парламент со 75 гласови „за“, на денешната пленарна седница му го одзеде пратеничкиот мандат на поранешниот албански претседател и лидер на побројното крило на опозициските демократи, Сали Бериша.

Со ова одлука на законодавниот дом се отвора патот, Специјалното обвинителство и судот против организиран криминал и корупција да одредат мерка затворски или домашен притвор. Поради возраста, мерката која ќе му биде определена, повеќе од сигурно е дека ќе биде домашен притвор, бидејќи законот не дозволува затворски притвор за лица повозрасни од 70 години.

И покрај неколкупати повторениот повик од страна на претседателката на парламентот Линдита Никола да го оствари правото на говор, Бериша тоа го одби.

Бериша (79) е осомничен за „пасивна корупција“ и „зоупотреба на службената положба“ како тогашен премиер во случајот со приватизацијата на спортскиот комплекс „Партизан“ во Тирана со чија приватизација, според обвинителите, зетот на Бериша за ќерка, незаконски стекнал 5 милиони евра. На местото на поранешните спортски терени и објекти тој изградил неколку повеќекатници.

Видете и ова: Бериша го обвинува Рама за ставањето на неговото име на британската „црна листа“


Седницата, на која експресно беа усвоени повеќе одлуки, помина во веќе познатата хаотична атмосфера, со блокирање на собраниската говорница, палење димни бомби, извикување недолични зборови од страна на опозициските пратеници-приврзаници на Бериша.Седницата се одржа под засилени безбедносни мерки, во кои се ангажирани околу илјада полициски службеници и припадници на Националната гарда, кои се распоредени во и околу објектот на албанскиот Законодавен дом.

Пратениците од владејачкото мнозинство во собранието влегоа два часа пред почетокот на седницата, по претходната најава дека опозицијата ќе го блокира влезот. Пред почетокот на седницата од собраниската сала преку видеообраќање Бериша порача дека денеска е ден за битка.

„По неуставна одлука, ова е грозен чин, вистинско злосторство, ова злосторство никогаш не може да ја победи опозицијата, во Албанија има моќна опозиција која цврсто стои против оваа власт која ја воспостави својата диктатура, против оваа банда поврзана со соросовата мафија, опозицијата денес стои повеќе од кога било, во соборувањето на овие криминалци кои ги уништија Албанците повеќе од кој било освојувач во историјата овие министри, премиер како пијавици секој ден секоја недела ја цицаат крвта на најсиромашните. Ги чека пресудата на големиот народ. Нема сила на светот со добра волја да ги спречи Албанците. Денес или никогаш. Денес е ден на битка“, порача тој.

Во меѓувреме пред парламентот собрани се поголем број членови и поддржувачи на крилото на Бериша „Обнова на ДП“.

Американскиот Стејт департмент, Бериша го прогласи за непожелна личност во мај минатата година, поради вмешаност во корупција.