Се очекува ново гласање во Советот за безбедност за прекин на огнот во Газа

Седница на Советот за безбедност на Обединетите Нации (илустрација)

Денеска ќе има уште еден обид за гласање во Советот за безбедност на ОН за резолуција со која се бара прекин на борбите во Газа.

Напнати дипломатски преговори се водат околу текстот на резолуцијата за да се избегне уште едно американско вето, а главната точка на спорот наводно е инспекцијата и следењето на хуманитарната помош што влегува во Газа.

Обединетите Арапски Емирати, авторите на нацрт-резолуцијата, вчера соопштија дека дискусиите на највисоко ниво продолжуваат.

Запрашан дали Соединетите Држави повторно ќе стават вето на резолуцијата, државниот секретар Ентони Блинкен рече дека тие работат на тоа да се осигура дека помошта до Газа нема да биде попречена од какви било напори во ОН.

Видете и ова: Лидерот на Хамас го посети Египет во услови на интензивни разговори за нов прекин на огнот

Мнозинството членки на Советот за безбедност на ОН го поддржаа итен прекин на огнот во Газа претходно овој месец, при што 13 од 15-те членки гласаа за.

САД ставија вето на барањето, а Велика Британија се воздржа.

Израел се противи на траен прекин на огнот, инсистирајќи дека тоа нема да стави крај на војната додека Хамас не биде елиминиран.

Војната во Појасот Газа започна со нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври, во кој, според израелските податоци, загинаа 1200 луѓе, а околу 240 лица беа земени како заложници.