Лидерот на Хамас го посети Египет во услови на интензивни разговори за нов прекин на огнот

Водачот на Хамас, Исмаил Ханије

Лидерот на Хамас, на 20 декември, пристигна во прва посета на Египет по повеќе од еден месец. Водачот на Хамас, Исмаил Ханије, кој вообичаено живее во Катар, обично јавно влегува во дипломатијата само кога има веројатни изгледи за напредок. Тој последен пат отпатува во Египет на почетокот на ноември пред објавувањето на единствениот договор за прекин на огнот во војната во Газа досега, еднонеделна пауза во која беа ослободени околу 110 од 240 заложници кои Хамас ги зеде по нападите во Израел на 7 октомври.

Исламски џихад, помала палестинска милитантна група која исто така држи заложници во Газа, рече дека нејзиниот лидер, исто така, ќе го посети Египет во наредните денови за да разговара за можниот крај на конфликтот.

Извор упатен во преговорите рече дека функционерите интензивно разговарале за тоа кои од заложниците, што ги држат милитантите, може да се ослободат со ново примирје и кои затвореници Израел би можел да ги ослободи за возврат.

Израел инсистираше на ослободување на сите преостанати жени и изнемоштени мажи меѓу заложниците, рече изворот, одбивајќи да се идентификува, јавува Ројтерс. Палестинците осудени за сериозни престапи би можеле да бидат на списокот на затвореници што треба да ги ослободи Израел.

Видете и ова: Блинкен се надева на напредок за Газа во Советот за безбедност на ОН

Подоцна во средата, американскиот претседател Џо Бајден рече дека не очекува наскоро да биде постигнат втор договор за ослободување на заложниците меѓу Израел и Хамас, иако додаде: „Ние вршиме притисок“.

Гласањето во Советот за безбедност на Обединетите нации за обидот за зајакнување на помошта за Појасот Газа повторно е одложено на барање на САД, соопштија дипломати.

Речиси 20.000 смртни случаи се потврдени од страна на Министерството за здравство во Газа, а се верува дека уште неколку илјади тела се заробени под урнатините. Израел вели дека борците на Хамас убиле 1.200 луѓе, главно цивили, на 7 октомври.