Граѓани и активистите, трета вечер по ред се собраа во Белград пред седиштето на Републичката изборна комисија (РИК) барајќи поништување на изборите на сите нивоа, вклучително и во Белград.
Демонстрантите на 20 декември, се собраа на покана на најголемата опозициска коалиција „Србија против насилство“, која на 18 декември поднесе барање до РИК за поништување на изборите во главниот град, тврдејќи дека победата на владејачката Српска напредна партија (СНС) во Белград е резултат на изборна кражба.
Улицата Крал Милан, каде се наоѓа РИК, е блокирана за сообраќај.
Насобраните демонстранти извикуваат „Крадци“ и „Избори“ и носат транспаренти на кои меѓу другото пишува „Предавство на народот и Србија“ и „Ги украдоа изборите и ја понижија Србија“.
На 20 декември во 20:00 часот истекува рокот за приговори поднесени до РИК и до другите изборни комисии.
Претседателот на Републичката изборна комисија (РИК) Владимир Димитријевиќ на седницата одржана на 20 декември повтори дека оваа институција не е надлежна да ги поништува и повторува изборите во Белград.
„Факт е дека РИК никако не може, на никаков начин, да биде вклучена во спроведувањето на актуелната изборна процедура во Белград, а уште помалку да влијае, го подвлекувам тоа, на распишување нови избори“, рече Димитријевиќ.
За повторување на целите избори, како што наведе, не е надлежна ниту Градската изборна комисија (ГИК).
Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) на 18 декември објави дека изборите ги одбележале сериозни нерегуларности, злоупотреба на јавните средства, медиумска доминација на претседателот на државата Александар Вучиќ, негативна кампања и ширење страв.
Дел од европратениците повикаа на независна истрага за сите пријавени нерегуларности за време на изборите одржани во Србија на 17 декември.
Соединетите Американски Држави, исто така, ги повикаа властите во Србија да ги истражат наводите на меѓународните набљудувачи за изборни нерегуларности.
Граѓаните во Србија гласаа на 17 декември на парламентарни, покраински и локални избори во 65 градови и општини, вклучително и Белград.
СНС прогласи победа на сите нивоа.