Министерството за образование и наука (МОН) соопшти дека се поедноставени процедурите за аплицирање за финансиска поддршка на ученици и студенти во рамки на новиот пакет антикризни мерки. Основците, средношколците и студентите до 24 декември годинава треба да аплицираат за да добијат пари од државата.
Јавниот повик беше отворен на 18 декември.
Учениците во основно ќе добијат 1200 денари месечно, а средношколците по 1800 во рок од шест месеци. Услов е месечните примања на нивните родители да не се повисоки од 50 илјади денари. Ќе има пари и за студентите кои живеат надвор од место на студирање. Тие ќе добиваат ваучер за превоз, не помал од 600 и не повисок од 1200 денари, во следните седум месеци, почнувајќи од декември.
Кандидатите за помош за ученици, што ги исполнуваат условите, треба да се пријават во училиштата каде учат нивните деца, но при тоа требаше да приложат многу документи. По реакции на родители споделени на социјалните мрежи, МОН соопштија дека процесот ќе се поедностави, за да може аплицирањето да биде едноставно.
Студентите може да аплицираат онлајн на порталот „е-услуги“.
Сега од Министерството не бараат од родителите/ старателите кои не работат, да достават потврда од Агенцијата за вработување, туку треба да достават извод од сите лични трансакциски сметки за претходен месец како доказ дека не постојат приходи по основ на плата, наведува МОН.
За учениците чии родители не се во брак, МОН информира дека изјава пополнува само оној родител кој со судска одлука му е доделено правото на старателство, без да се достави писмена согласност од другиот родител, како што претходно бараа. Ова важи и за децата од вонбрачни заедници, изјава и податоци доставува само едниот родител.
Видете и ова: Антикризни мерки во вредност од 662 милиони евра: Поддршка за учениците, пензионерите и компаниитеЗа аплицирањето на студентите за покривање на дел од трошоците за превоз се бараше доказ за висина на месечниот билет за меѓуградски превоз од местото на живеење до местото на студирање. Од Министерството посочуваат дека апликантите треба да достават фотографија од месечен билет или фискална сметка, како и принтскрин од цените објавени на веб-страницата на превозникот.
Министерството за образование и наука информира дека врши проверка на веродостојноста на податоците во документите од секоја доставена апликација, а утврдувањето на невистинити податоци повлекува и соодветна одговорност.
Финансиската поддршка од 16,3 милиони евра што е предвидена за помош на учениците и студентите е дел од деветтиот пакет антикризни мерки на Владата и е дел од поддршката во вкупен износ од 662 милиони евра наменети за социјално ранливи категории граѓани.