Одбележувањето на 9 јануари како Ден на Република Српска е јасно и директно неисполнување на конечните и обврзувачки одлуки на Уставниот суд на Босна и Херцеговина (БиХ), како и на одлуката на високиот претставник од 1 јули 2023 година, објави на 20 декември високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Кристијан Шмит.
Тој предупреди дека непочитувањето на одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина претставува кривично дело според Кривичниот законик на Босна и Херцеговина.
„На органите на прогонот, Обвинителството на БиХ и полицијата е да ги преземат соодветните следни чекори пропишани со закон, особено во случаите поврзани со јавни службеници и државни службеници и нивното учество во подготовката или организацијата на прославата на 9 јануари“, рече Шмит.
Во 2016 година, Уставниот суд на Босна и Херцеговина донесе одлука според која одбележувањето на Денот на Република Српска на 9 јануари е противуставно.
Босна и Херцеговина нема закон за празници, а Уставниот суд на Босна и Херцеговина со таа одлука ги избриша спорните одредби од Законот за празниците на РС, по жалбата на тогашниот член на Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ.
За Судот не е спорно дека овој ентитет има свој ден, но спорно е дека се слави на тој датум, на кој во 1990 година е основано Собранието на српскиот народ во БиХ, а во 1992 беше прогласена Република на српски народ во БиХ, што се смета за вовед во војната.
На референдумот во ентитетот во септември 2016 година, чие одржување беше забрането од Уставниот суд на Босна и Херцеговина, повеќе од 99 отсто од гласачите одговориле со „ДА“ на прашањето - „Дали поддржувате 9 јануари да се одбележи и слави како Ден на Република Српска?".
Видете и ова: Во БиХ е Ден на државноста, се одбележува само во еден ентитет
Во октомври 2016 година, властите на РС го усвоија Законот за Денот на РС, кој ја содржеше истата одредба тој да се слави на 9 јануари, а Уставниот суд на Босна и Херцеговина ги поништи во 2019 година.
Властите во Република Српска продолжија да го слават Денот на Република Српска секоја година на 9 јануари.
На 1 јули 2023 година, Кристијан Шмит воведе измени во Кривичниот законик на БиХ, според кои непочитувањето на одлуките на високиот претставник е кривично дело. Врз основа на овие измени, пред Судот на Босна и Херцеговина беше покренато обвинение против Милорад Додик, претседателот на РС и владејачкиот Сојуз на независни социјалдемократи.