Обновени се услугите, соопшти најголемиот украински мобилен оператор, кој беше погоден од масовен сајбер напад претходно овој месец.
Од компанијата „Киевстар“ на 20 декември соопштија дека се надминати тешкотиите при комуникацијата во некои украински региони.
„Нашите експерти ги решија тешкотиите во комуникацијата што се појавија утринава во голем број градови на западот и југот на Украина. Службите сега работат како и обично“, соопшти „Киевстар“ на платформата за социјалните медиуми „Х“.
Компанијата соопшти дека нејзината мрежа е подложена на стабилизација по хакерски напад од големи размери и дека сè уште може да има краткорочни тешкотии со услугата.
Хакерска група за која Киев верува дека е поврзана со руското воено разузнавање ја презеде одговорноста на 13 декември за сајбер нападот.
Видете и ова: Сајбер напад врз најголемиот мобилен оператор во Украина, услугата со часови била во прекин„Киевстар“ е најголемиот украински мобилен оператор со околу 24 милиони претплатници. Сајбер нападот, на 12 декември, наводно, оставил повеќе од 24 милиони претплатници без услуга. Плаќањата со картички беа оневозможени низ Украина, бидејќи системот на „Киевстар“ е критичен за плаќањата со картички во повеќето комерцијални продавници.