Министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски е убеден дека Синдикатот на Контрола на летање ќе отстапи од најавата за штрајк на 25 декември и на 1 јануари. Порачува граѓаните да бидат спокојни, бидејќи, како што изјави, се прави се за да не дојде до тоа. Синдикатот, пак, со чие раководство Бочварски вчера имаше средба, конечната одлука ќе ја донесе на состанок закажан за утре напладне.
„Вчера имав многу продуктивен разговор со претседателот на Синдикатот и сметам дека беше многу корисен. На минатата средба во октомври имавме четири прашања што беа отворени и на сите се работи во координација со Синдикатот, остана уште едно прашање за кое дискутиравме вчера. Граѓаните да бидат сигурни дека правиме се и правиме напори, а убеден сум дека контролорите од таа најава ќе отстапат, тие ќе имаат свој состанок. Но, по она што го дискутиравме и двајцата заклучивме дека интересот на граѓаните и на државата мора да биде пред се и над се“, одговори Бочварски, на новинарско прашање.
Синдикатот на Контрола на летање М-НАВ најави предупредувачки штрајк на 25 декември и за Нова година, како реакција на објавени огласи за вработувања во М-НАВ, со критериуми, кои според Синдикатот, се спротивни на постигнатата спогодба со менаџментот од октомври годинава.
Видете и ова: Контрола на летање најавува штрајк за Нова ГодинаКако што претходно изјави претседателот на Синдикатот на Контрола за летање, Александар Тасевски, била прекршена спогодбата помеѓу Синдикатот и директорите на М-НАВ за која гарант беше министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Тој рече дека ќе го реактивираат штрајкот на 25 декември, од 10 часот до 17 часот, по што ќе се штрајкува и на 31 декември од 00:00 до 1 јануари во 23:59 часот.
Според Синдикатот, договореното за роковите за времетретрање на огласите за вработување не се почитува, а кадарот кој сакаат да го вработи менаџментот не е од суштинските дејности и се однесува на деловни асистенти и советник за човечки ресурси, што според нивни сознанија е за еден од поранешните директори во М-НАВ.
Доколку не бидат повлечени објавените огласи на 25 декември од 10 до 17 часот ќе нема полетувања и слетувања на Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, а во тек на штрајкот за Нова година, покрај блокада на авиосообраќајот на двата аеродрома нема да се опслужуваат ниту прелетите.